Шарлеман Салата
Ми се пријаде салата па ми текна на еден класик кој што решив да го споделам со вас! 😉
Ќе одите на пазар и ќе барате срце од марула, сега ги има се почесто. Ќе ви биде потребно едно парче, ќе го исецкате. Ќе набавите зелена пиперка (за салатава ви е потребна една), краставица (помала) и едно стракче од младо кромидче (и него ќе го исецкате).Како втора етапа на салатата е варено јајце (1 ком), пињоли 10гр и пармезан 40гр.
Пармезанот ќе го изрендате на силиконска подлога за печење и ќе го ставите во рерна на 140 степени, 9 минути (без вентилатор).За да бидете посигурни, можете да го поклопите со друга силиконска подлога или со хартија за печење. Ќе добиете бисквита од пармезан. Искршете ја неправилно и ставете ја како кров на салатата. Пињолите (семки од бор се наоѓаат по големите маркети) можете да ги потпечете во јако загреана тава (во краток интервал, мешајќи).
Склопете ја салатата и зачинете ја само со квалитетно маслиново масло и балсамико оцет (јас додадов и малку оцет со вкус на орев). Не ви се потребни кремави преливи од причина што и самата салата е добро избалансирана и има доволно нијанси на вкусови. На здравје! 😉