contact@gotvimesofico.mk

14
авг

Сорбе од диња

Во животов имам изедено околу еден шлепер сладолед! Цело време се обидувам да направам домашен сладолед кој ќе биде добар како некои купечки, али не бива, треба машини и сериозни состојки. Го запознав и најдобриот сладоледџија во државава и тој ме убеди да не се замарам туку да си праам домашни сорбе десерти и да си бркам работа. И го послушав!

Идам у Струмица на гости, па ме прошетаа по ниви за производство на лубеници, дињи, домати (френки), пиперки, итн.

Пробувам диња одгледана без прскање и користење на препарати… чоече вкусот беше драма! Оп, ми текна на зборовите на пријателот да си напраам сорбе!

dinja

Пред да си одам накај дома, домаќините ме товарија со десетина дињи, четири лубеници и дваесет кила френкички! :) Зиам една диња ја сечам, со лажица ги вадам семките и полнам во блендер за да направам фино пире со мазна структура. Значи, потребно ви е 1кг пире од диња. Во него цедите 1 лимон.

Во мало тенџере на рингла ставате 1 шолја вода со 50гр шеќер и 100мл кока кола, оставате да се растопи шеќерот и да добиете една смеса. Од кока колата ќе добиете пикантен вкус на карамел што ќе се провлекува како финиш на секое залче!

 

Се заедно мешате во поголем сад и процедувате низ сито. Значи потребен ни е само бистриот сок од пирето!

FIC_0340Вака спремниот сок од диња го сипате во тавче и го ставате во замрзнувач. После 2 часа ќе ја изгребете површината на сорбето која што почнала да се стврднува. На тој начин ќе добиете сорбе структура за која инаку ви треба апарат кој го врти цело време – Гранита! :)

Е сеа, тоа ќе го направите уште еднаш во контра насока со вилушката и ќе го ставите да се стегне преку ноќ.

Сабајле станете и правец кон замрзнувачот! :) Ја наполнив 6 топки ги полив со малку карамел и имам појадок кој што несакам да престане! :)

Поздрав! 😉FIC_0357

Остави коментар