Плетена погача
Не знам зошто али периодов ми е некако ептен погоден за погачи. Осеќам како да во овој период се јаде само тесто и крем салати.
Оваа погача е многу добра и совршено се вклопува во секоја празничка трпеза!
Ќе замесите тесто од 500гр брашно, 1/2 пакетче пециво (претходно просеани), 200мл млеко, 110мл сончогледово масло, 1 јајце, 1 белка од јајце, 25гр свеж квасец, 20гр шеќер и 15гр сол. Оставете го тестото да стасува околу 45 минути.
Потоа поделете го на 6 топчиња и секое расукајте го долгнавесто. Потоа секое премачкајте го со смеса од крем сирење, рендан морков, сув босилок, сол и бибер.Затворете го внимателно тоест убаво залепете го.
Потоа секое вака залепено парче исплетете го во крстаста форма.
Потоа преплетете ги тестата како на сликата подоле.
Подвиткајте ги краевите и ставете ја погачата во калап за печење.
Премачкајте ја погачата со изматена жолчка од јајце и наросете ја погачата со ленено семе и сусам.
Печете во загреана рерна на 200 степени околу половина час.
Погачава топ ќе ви се вклопи на маса! Направете ја и споделете ја со најблиските.